07.30.10
Posted in наука, образование, општество, политика at 10:44 am од slaughter
Криминалната етиологија, како дел од општата криминологија, ги проучува внатрешните и надворешни фактори кои со своето влијание го предизвикуваат криминалното поведение.
Како главни криминогени фактори, во криминологијата се спомнуваат сиромаштијата, невработеноста, урбанизацијата, транзицијата, неадекватното образование, религијата, растроените семејства, отсуството на воспитание, патолошките појави (алкохолизам, наркоманија, коцкањето, проституцијата), економската нееднаквост на популацијата, неадекватната распределба на кадрите во државната администрација, влијанието на средствата за масовна комуникација, некреативното искористување на слободното време и т.н. и т.н.
Кога се разгледуваат одделно секој од овие фактори, несомнено се донесува заклучок дека тие се основа за предизвикување на криминалното поведение. Брзото темпо на живот, секојдневната трка по пари, наметнатата потреба да се поседуваат технички средства кои другите ги имаат (автомобил, дом, компјутер, мобилен телефон, пари за одмор и релаксација) и нивното отсуство, предизвикуваат рушење на моралните и прифатливи начини да доаѓање до нив. Но, што лежи во основата на криминалот?
Фрустрациите се дефинираат како емоционален одговор на спречена желба и цел опструирана од фактор врз кој немаме реална контрола и моќ да го измениме.
Секој човек се раѓа со детерминиран интелектуален склоп, кој понатаму ја определува целата негова иднина. Од нивото на интелигенција и снаодливост, зависи начинот на кој секоја индивидуа ќе постапува до крајот на животот, способноста да одговори на очекувањата на општеството и да ги заработи потребните средства за нормален живот. Општеството дополнително ја усложнува состојбата на секој човек, со тоа што наложува високи стандарди на однесување, кои некои не се способни да ги исполнат. Истовремено, тековното криминално однесување на другите, кои со чист криминал преку ноќ станале богати, предизвикува дополнително чуство на немоќ кај одредени лица, кое со тек на време прераснува во толку голема фрустрација, што нормите и стандардите повеќе не се шаблон до кој секој треба да се придржува при остварувањето на своите потреби, желби и цели.
Ниеден човек нема моќ да влијае врз тоа каде ќе се роди, во какво семејство и со колкави интелектуални способности. Дете родено во сиромашно и дезорганизирано семејство, со просечен и потпросечен интелектуален склоп, секако дека тешко ќе може да си ги дозволи материјалните и емоционални потреби кои другите деца родени во побогати семејства можат да си ги дозволат. Едно дете кое не може да си ја дозволи облеката која другите деца ја носат, техничките средства кои другите ги имаат, храната кои другите ја конзумираат и годишниот одмор кој толку многу го посакуваат, секако дека ќе развие фрустрации кои криминогено ќе влијаат врз неговото целокупно однесување.
Секој човек, па и оној на кој ништо не му недостасува во животот, развива одредени фрустрации кога ќе започне да се споредува со поуспешните примери од него. Тогаш започнуваат прашањата од типот: зошто јас не можам да си го дозволам тоа што другите го имаат, што треба да сторам за да го имам тоа, како најлесно да дојдам до средствата со кои ќе уживам во животот? Кај најсиромашните луѓе, особено кај оние кај кои слабиот интелектуален склоп им е главна пречка во остварувањето на своите цели, прашањата добиваат облик: зошто некој може да си дозволи да се вози во луксузен автомобил, а јас цел живот одам пеш, зошто некој поседува станови, куќи, викендици… а јас живеам во барака која секој момент може да се сруши, зошто некој може да си дозволи по неколку годишни одмори, а јас не можам да ги прехранам децата? И од каде им се парите на другите, на каков начин им се стекнати?
Кога ваквите прашања ќе бидат поставени, умот на секоја индивидуа започнува со креирање на одговори кои ќе го оправдаат неговото идно криминално однесување. Дополнително, интелектуалната немоќ да се согледаат односите во едно капиталистичко општество, генерира одговори во неговата глава дека такво богатство другите можеле да стекнат само и само преку нелегални начини. Кога ваквото размислување ќе се заокружи, новиот криминалец е роден.
Како последица на тоа, нема ништо не разбирливо во однесувањето на едно сиромашно дете, изгладнето, со издрпани алишта и без обувки, пуштено од родителите да питачи, кога ќе ве плукне ако не му дадете десет денари или ако од џеб ви ги украде парите, додека вие си купувате хамбургер и кока-кола од сендвичара.
Ваквиот начин на размислување, во малку повеќе култивирана форма, продолжува се’ до највисоките врвови: исфрустрираниот магационер не може да разбере зошто цел живот едвај ја прехранува фамилијата, а неговиот газда постојано е на одмори и деловни шетања низ светот, асистентот не може да сфати што тоа професорот знае повеќе од него, па зема поголема плата, додека тој едвај ги плаќа сметките, министерот се прашува кои квалитети ги има премиерот што тој ги нема, па не може да стане претседател на владата. Кај најбогатите, криминалното однесување е предизвикано од фрустрација како резултат од болната желба да се биде прв, ’најдобар’ и најбогат, достоен за најголеми почести.
Кај сите претходно набројани фактори на криминалитетот (сиромаштијата, невработеноста, урбанизацијата, транзицијата, неадекватното образование, религијата, растроените семејства, отсуството на воспитание, патолошките појави…), како главен криминоген предуслов ја имаат фрустрацијата. Во наредните текстови, секој од нив ќе биде одделно разработен.
Permalink
07.25.10
Posted in наука, образование, општество at 8:43 pm од slaughter
Според правната дефиниција, криминологијата е наука за сите активности и пропуштања кои ги загрозуваат и повредуваат добрата, односите, вредностите и интересите на личноста и општеството, инкриминирани во законите на државата. Оваа дефиниција за предмет на криминологијата го зема криминалитетот во неговото кривично-правно значење, што значи дека ги отфрла девијантните појави како објект на интерес. Но, во реалноста, токму девијантните појави (наркоманија, проституција, комар, алкохолизам и сл.) се предуслов за криминалното поведение, а ваквата дефиниција не прави јасна дистинкција меѓу тоа што проучува кривичното право, а што криминологијата.
Затоа, поточно е да речеме дека криминологијата е наука која ги обединува сите дисциплини кои се неопходни за следење на состојбата, динамиката, причините и појавните форми на криминалитетот, неговото разбирање и пронаоѓањето средства за спречување.
Криминалитетот, пак, е вкупност на кривични дела извршени на определен простор во определено време. Тој се разгледува и како масовна општествена и како индивидуална појава на однесување на лица во општествената заедница за определено време на даден простор.
Криминалец е лице чие поведение, во законски утвредена постапка, е означено како криминално, односно забрането со закон. Не постојат особини според кои криминалците може да се разликуваат од чесните граѓани. Злосторнички склоности во себе носат и најчесните луѓе, а само поттикнувачките фактори кај некои предизвикуваат да преминат на дело.
Како што рековме, не постои некоја суштествена разлика меѓу криминалец и чесен човек, но постои огрома разлика меѓу човек кој врши нечесно дело и нечесен човек. Под притисок на силниот надворешен фактор на околината, многу чесни луѓе извршиле криминално дело кое доколку условите не биле такви, тие не би го сториле тоа. За разлика од нив, нечесните луѓе вршат криминални дела од алчност и желба да поседуваат туѓи нешта, без разлика во какви услови живеат.
Криминалитетот е историска и светска појава, што значи дека постоел од секогаш и секогаш ќе постои, на целата планета Земја. Криминологијата се обидува да ги открие факторите врз кои треба да се интервенира организирано и институционално за да се намали бројот на извршени криминални дела, да ги намали штетните последици и да превенира.
За полесно изучување, криминологијата се дели на две основни гранки: криминална етиологија и криминална феноменологија. Криминалната етиологија ги проучува општите причини, поводи и услови на криминалитетот, додека феноменологијата ги проучува појавните облици на кривични дела, обемот, распространетоста, временската дистрибуција и тенденциите на движење. Сепак, криминологијата е компактна наука, која има за цел и задача организирана борба против криминалитетот.
Клиничката криминологија го проучува индивидуалниот чин на преоѓање кон извршување на делото, а собраните материјали ги користи за донесување воопштени сознанија и заклучоци за етиологијата на криминалот. Криминалецот е човек како и секој друг кој се разликува од останатите по тоа што преминал кон извршување на забрането дело. Таа склоност на преоѓање кон извршување на нешто забрането го изразува степенот на криминалната структура на личноста (степен на егоцентризам, лабилност, агресивност, афективна индиферентност и т.н.)
Permalink
Posted in наука, образование, општество at 12:17 am од slaughter
Криминологијата е наука која се стреми да ги определи општествените, економските, личните и психички фактори кои го произведуваат злосторникот и злосторството (Констант).
Криминологијата е наука која ги проучува факторите и процесите на криминалното поведение и врз нивна основа определува најдобри стратегии и техники за сузбување на ова општествено зло (Гасин).
Криминологијата е хумана и социјална наука која емпириски ги истражува индивидуалните и општествените процеси на криминализирање и декриминализирање и сознанијата како препораки им ги предава на сите кои го спроведуваат законот (Шнајдер).
Криминологијата е самостојна наука која емпириски ги проучува појавните форми на криминалитетот (видовите кривични дела), етиологијата (причините за нивно извршување), неговиот извршител, жртвата и начинот на кој општеството реагира на криминалното поведение (Игњатовиќ).
Зборот “криминологија“ за прв пат е употребен во 1879 година од францускиот антрополог Топинар, а Гарофало во 1884 пишува книга со ист наслов.
Криминологијата како наука, составена е од повеќе научни дисциплини, како криминалната антропологија, психологија, социологија, политика, превенција, педагогија и психопатологија, како и од пенологијата и виктимологијата. Така на пример, криминалната биологија ги проучува генетските, наследни појави на личноста на престапникот, криминалната психологија ги изучува интелигенцијата, карактерот, општествените и моралните склоности на престапникот, криминалната социологија го проучува криминалитетот како социјална општа и поединечна појава која е поврзана со општествените и културните системи и влијанија на различните непосредни криминогени фактори кои се јавуваат како производ на тие системи, и сл.
Permalink
07.23.10
Posted in општество at 8:56 am од slaughter
МСП се изјасни дека самопрогласената независност на Косово е легална според меѓународното право. Со тоа Косово за кратко време ќе стане членка на ОН и држава. Со душа чекам за некоја година да ги видам како европски држави Каталонија, Баскија, Шкотска, Корзика, Приднестровје, Јужна Осетија, Абхазија, Република Српска, Чемерија, па и Илирида.
*************************************************
Македонија беше единствената држава од поранешната СФРЈ која својата независност ја доби без ни еден испукан куршум. Дваесет години сме заглавени во место, а уште толку ќе се изначекаме за да влеземе во ЕУ. Ако таа не се распадне до тогаш. Или ако ние не се распаднеме.
*************************************************
Косово ја доби сепаратистичката војна со Србија со помош на УЧК. Од терористи и криминалци тогаш, тие сега се национални албански херои чии дела ќе се учат во учебниците по историја и за кои ќе се испејат многу народни песни.
*************************************************
Во 2001, во западниот дел на Македонија имаше обид по урнек на Косово, да се основа зона под меѓународна протекција која покасно требаше да се претвори во нешто како што денес е Косово. Терористите своите злосторства ги нарекуваа “борба за човечки правдини“, а македонската држава денес ја разгледува можноста тие што убиваа македонски војници, да ги пензионира. Со тоа официјално, во Македонија ќе биде регистрирана уште една исплатлива професија: терорист.
******************************************
Кога по кратко време Косово ќе влезе во ЕУ, а ние уште ќе стоиме блокирани од јужните непријатели, Илиридѓаните ќе го изгубат трпението и ќе посакаат побрзо да станат европјани. На добро-познатиот начин. Тогаш ќе ги пратиме нашите политичари со пушки да гинат како врапци во заседа. Немој да чекаат војската, полицијата и народот да се бори како во 2001! За што да се бори? За што да гине?
Кога и така политичарите одамна ги скроиле картите на Балканот.
Нека гинат они, мамицата нивна…
Permalink
06.05.10
Posted in наука, образование, општество at 8:39 am од slaughter
Кривичните санкции се мерки кои се превземаат спрема сторителите на КД поради стореното зло, а кои ги изрекува судот под услови определени со закон.
Цел на кривичните санкции е да се спречи сторителот да врши кривични дела, да се превоспита (специјална превенцја), воспитно да се влијае врз другите (генерална превенција) и постигнувањето на правда.
Кривичната санкција мора да биде: од лична природа (да го погоди само сторителот на КД), хумана (да нема измачување), морална (да биде осуда од општеството), сразмерна, деллива (да може да се изрекува во помала или поголема мера), заменлива (да може да се замени со друг вид), отповиклива (да може да се прекине ако погрешно била изречена), неизбежна (да го погоди секој извршител), да следува веднаш.
Под индивидуализација на кривичните санкции се подразбира прилагодување на кривичните санкции според тежината на КД и степенот на кривичната одговорност на сторителот.
Системот на кривични санкции се состои од:
• Кривични санкции и
• Казни за правни лица.
Кривичните санкции можат да бидат:
1. Казни (се изрекуваат на полнолетни кривично одговорни лица или спрема постарите малолетници)
2. Алтернативни мерки (се изрекуваат само на полнолетници кои се кривично одговорни за полесни КД)
3. Мерки за безбедност (спрема одговорни/заедно со главната казна и неодговорни сторители на КД/како самостојна казна) и
4. Воспитни мерки (спрема малолетници).
1. Казни се:
1.1. Казна затвор
1.2. Парична казна
1.3. Забрана за вршење професија, дејност или должност
1.4. Забрана за управување моторно возило и
1.5. Протерување на странец
2. Алтернативни мерки се.
2.1. Условна осуда
2.2. Условна осуда во заштитен надзор
2.3. Условно прекинување на кривична постапка
2.4. Општокорисна работа
2.5. Судска опомена
2.6. Куќен притвор
3. Мерки за безбедност се:
3.1. Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа
3.2. Задолжително психијатриско лекување на слобода
3.3. Задолжително лекување на алкохоличари и наркомани
4. Воспитни мерки се:
4.1. Дисциплински мерки: укор и упатување во дисциплински центар за малолетници
4.2. Мерки на засилен надзор: од страна на посвоител, старател, друго семејство или социјални органи
4.3. Заводски мерки: упатување во воспитна установа или упатување во воспитно-поправен дом.
Казни за правни лица се:
1. Парична казна
2. Привремена забрана за вршење одделни дејности
3. Трајна забрана за вршење одделна дејност
4. Престанок на правно лице.
Permalink
05.27.10
Posted in наука, образование, општество at 9:26 pm од slaughter
Соизвршителство постои кога повеќе лица учествуваат во остварувањето на на КД на тој начин што заеднички учествуваат во превземањето на дејствието на извршување на едно КД.
Соучесништво постои кога лицето има само одреден придонес во реализирањето на туѓо дело, но не и учество во дејствието на извршување. Поттикнувањето постои кога некој наведува друг непосредно да го превземе дејството на извршување на КД. Помагањето постои кога некој помага во кривично дело што го врши друг, преку обезбедување средства за извршување, свесно давање информации или создавање поволни услови другите да го извршат делото.
Кога за извршување на КД се користи непресметливо лице, малолетник или лице кое не подлежи на кривична одговорност, постои случај на неволево и несовесно орудие. Во ваква ситуација, одговорно е лицето кое го испланирало КД.
Permalink
05.16.10
Posted in наука, образование, општество at 10:20 am од slaughter
Стек на кривични дела постои кога сторителот со едно дејствие сторил повеќе кривични дела (идеален стек) или со повеќе дејствија сторил повеќе кривични дела за кои истовремено му се суди (реален стек).
Случаи на правно единство на повеќе кривични дела се:
• Сложено кривично дело- во законското битие на делото содржи повеќе дејствија на извршување кои и одделно би биле КД (разбојништво= кражба + присила);
• Колективно кривично дело- законска конструкција на единствено КД кај кое повеќето повторени околности на истото кривично дело се сметаат за едно КД поради посебниот психички однос на сторителот спрема нив (КД извршени како занает, занимање или склоност);
• Продолжено кривично дело- сторителот во временски континуитет извршил повеќе истовидни дела кои поради елементите кои ги поврзуваат во една целина, се јавуваат како едно единствено КД (во текот на една година, благајникот секојдневно зема пари од касата).
Пресумпција на пресметливост е претпоставка дека секој полнолетен сторител на КД е душевно нормално и пресметливо лице и таа се утврдува само кај оние кај кои судот ќе се посомнева дека се непресметливи.
Пресметливоста е состојба на умот во која сторителот можел да го сфати значењето на своето дело и да управува со своите постапки.
Лицата кај кои е утврдена состојба на битно намалена пресметливост се пресметливи лица, но може да им се изрече поблага казна.
Actiones liberae in causa е кривичноправен институт според кој кривично е одговорен сторителот на КД кој со употреба на алкохол, дрога или на друг начин се довел во состојба во која не можел да го сфати значењето на своето дело или да управува со своите постапки, ако пред да се доведе во таква состојба делото било опфатено со неговата умисла или постоела небрежност.
Намерата е свесна насоченост на дејствието кон остварување на целта.
Целта е резултатот кој сторителот сака да го оствари со своето дејствие.
Мотивот е она што човекот го поттикнува кон акција (пример: користољубие).
Небрежноста според некои автори претставува недостиг на свест за причинската врска меѓу дејствието и последицата, иако сторителот можел да има таква свест, додека според други таа се состои во тоа што не се употребува сопствената моќ за расудување за можните штетни последици.
Свест за противправноста претставува знаење на сторителот дека со своето поведение доаѓа во судир со правото или дека прави нешто што не е дозволено.
Заблудата претставува незнаење за одредена околност со едновремена погрешна претстава за таа околност и постоење уверување кај лицето дека погрешната претстава е точна (погрешно или отсуство на соодветно знаење).
• Стварна заблуда: сторителот за време на извршувањето на КД не бил свесен за некое негово обележје определено со законот (стварна заблуда за битие на делото) или сторителот погрешно сметал дека постојат околности кои ја исклучуваат одговорноста (заблуда за околностите кои ја исклучуваат противправноста). Стварната заблуда ја исклучува умислата;
• Правна заблуда: кај сторителот не постоела свест за противправноста на делото, т.е. сторителот не знаел дека неговото дело е противправно. Не е кривично одговорен сторител на КД кој од оправдани причини не знаел и не можел да знае дека тоа дело е забрането.
Permalink
05.11.10
Posted in образование, општество, семејство at 11:19 am од slaughter
1. Криминолошки аспект
И покрај тоа што Уставот и законите во Македонија го гарантираат физичкиот и моралниот интегритет на граѓаните во државата, дневно се пријавуваат по 15 случаи на семејно насилство. Полициските статистики говорат дека насилство има во семејства со нарушени односи меѓу брачните партнери и децата. Присутни се сите форми на насилство, физичко и психичко насилство. Најчесто жртви на насилство се жените и децата.
Семејно насилство имаме кога член на семејството, партнер или поранешен партнер, применува физичка или психичка сила кон друг член на семејството, партнер или поранешен партнер, со намера да доминира или да му наштети на другиот.
Видови на семејно насилство:
• физичко насилство;
• сексуално насилство и инцест;
• психичко насилство;
• економска злоупотреба;
• спиритуална злоупотреба.
Повеќето од жртвите на семејно насилство, не го напуштаат партнерот, поради некоја од следниве причини:
• Простување- огромен е бројот на жртви на семејно насилство кои му простуваат на измачувачот. Насилникот ќе рече дека му е жал поради стореното и дека тоа нема да се повтори, наведувајќи ја жртвата да му прости или да не го пријави делото во полиција;
• Заканување- сторителот и се заканува на жртвата дека ако ја пријави во полиција, или акјо барем каже на член на поблиското семејство или соседите, дека тој ќе и наштети;
• Срам од околината- жртвата смета дека проблемот е интерен, внатрешен и треба да се реши внатре во семејството, без изнесување во јавноста;
• Економска зависност- жртвата поскува да го напушти партнерот, но не можат да го сторат тоа поради материјалната зависност од жртвата и мислата дека не би можела финансиски да опстане без помош од насилникот.
Како последица од семејно насилство, во 2006 година биле извршени 12 убиства. По градови води Куманово со четири убиства, следува Тетово со 3, Скопје со две и по едно убиство е регистрирано во Штип, Битола и Велес.
МВР во просек, годишно покренува околу 300 кривични пријави против граѓани поради нанесување телесни повреди на блиски роднини, а поради психичко насилство прекршочни пријави добиваат меѓу 1000-1500 граѓани.
Освен нарушените семејни односи, лицата што практикуваат насилство врз блиското семејство се корисници на алкохол и дрога. Над 1400 случаи на семејно насилство се сторени од лица кои биле под дејство на алкохол, а 44 користеле дроги. Поради психичко растројство на еден од членовите на семејството, минатата година семејно насилство претрпеле околу 1000 семејства.
Во семејства каде што е присутно насилството најчесто страдаат и децата. На СОС линијата годишно се пријавуваат над 900 случаи на насилство против дете. Децата се жалат дека се повредувани и злоупотребувани од нивните родители, ги занемаруваат, малтретираат или експлоатираат.
Најчести жртви на семејно насилство се:
-сопругите – во 871 случај,
-родителите, кои биле жртви во 460 случаи,
-поранешни сопруги во 199 настани, деца во 175 случаи ,
-браќа, сестри, баби, дедовци и свекрви.
Најголема причина за оружено насилство врз жената се лошите семејни односи, љубомората и алкохолот. Не се исклучуваат ниту сиромаштијата и психичките пореметувања.
Во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно, а секоја четврта на оружено насилство. Последниве неколку години е зголемен бројот на жени кои извршиле самоубиство. Насилството во рамки на семејството е причина за се поголемиот број жени кои се самоубиваат.
Според податоците со кои располагаат некои невладини организации, оруженото насилство врз жената можело да се спречи во 78 отсто од случаите доколку полицијата интервенирала.
2. Кривично-правен аспект
Се до 2004 година, позитивното кривично законодавство во Македонија не го третираше семејното насилство како кривично дело, туку се обидуваше со одредени релативно неефикасни методи и средства да дејствува не превенирање на оваа криминална појава, како разните центри за поддршка на жртвите на семејно насилство, советувалишта за жени и деца и сл.
Меѓутоа, со промените во Кривичниот законик од 2004 година, одредени членови го криминализираа семејното насилство или извршувањето на одредени други кривични дела во рамките на семејството. Сепак, иако во КЗ постоеја одредени квалификации кои можат да бидат резултат на кривичното дело Семејно насилство, тие не се третираа соодветно.
3. Криминалистички аспект
Начини за дознавање за сторено кривично дело Семејно насилство
-Полициските органи дознаваат за овој вид на криминалитет, најчесто од страна на социјалните служби, кои најчесто стапуваат во контакт со жртвата (сопруга или деца).
-Медицинските установи, исто така, можат да дадат релевантни податоци (индиции) дека нешто се случува во тоа семејство.
-Чести се случаите и кога соседите или роднини го пријавуваат случајот во полиција, со цел да ја спречат агонијата на членовите на семејството кои се жртви на насилникот.
-Се почести се случаите и самата жртва, неможејќи повеќе да го трпи насилството и изживувањето од страна на несилникот во сопственото семејство, да го пријави случајот до надлежните органи.
3.2. Начини за докажување на кривичното дело Семејно насилство
Ова кривично дело се докажува преку:
- Изјава на жртвата дадена пред државен орган (полиција, суд, социјална служба, центар за згрижување на жртви на семејно насилство);
- Сведочење на лице кое било присутно на местото во моментот кога било остварено битието на делото;
- Преку медицинска белешка од извршен специјалистички преглед, во кој стручно се бележат и опишуваат нанесените телесни повреди или преку психијатриски извештај, доколку имало психичко малтретирање, кое резултирало со психичко растројство (депресии и сл.)
3.3. Права на жртвата на семејно насилство во кривичната постапка
Секоја жртва на семејно насилство има право да:
- Го пријави случајот до надлежен државен орган (полиција, социјална служба, центар за заштита);
- Да побара помош од државата, во смисол на интервенција на службите за брачни проблеми, службите за заштита на децата во семејствата со нарушени меѓусебни односи и сл;
-Да поведе бракоразводна или кривична постапка против сторителот;
-Да биде информирана за текот на постапката против сторителот; и
- Да побара од државата трајно или привремено да му забрани пристап на сторителот до жртвата.
3.4. Права на сторителот на кривичното дело Семејно насилство во кривичната постапка
Сторителот на кривичното дело Семејно насилство има право:
-Да побара и добие стручна медицинска помош од државата во случаи кога насилството го прави заради хронична алкохолизираност, зависност од психотропни супстанци или поради психичко нарушување,
- Да има бранител во текот на постапката.
4. Виктимолошки аспект
Најчести жртви на овој вид на криминал се, како што споменавме, жените и децата, иако во поново време има и случаи и лица од машки пол да ја пријават сопругата или својот син/ќерка.
Од виктимолошки аспект, теоретски и практично, постојат три нивоа на виктимизираност (состојба во која се наоѓа жртвата), и тоа:
- Примарна жртва- жртва на семејно насилство која претрпела одредени физички и психички малтретирања од член на семејството;
-Секундарна жртва- која освен претрпеното физичко и психичко малтретирање, несериозно била сфатена од полицијата, социјалните и слични служби, со што претрпела уште еден дополнителен шок, и
- Терцијална жртва- која може, но и не мора да ги помине претходните два стадиуми, а нејзината виктимизираност се карактеризира со тоа што таа ја има прифатено улогата на жртва и смета дека тоа така треба да биде, не реагира и не бара помош, бидејќи нејзините поблиски роднини ја учеле дека таа треба да го слуша својот партнер (сопруг), па по некогаш дури и да истрае ако тој крене рака врз неа.
Како резултат на долготрајните малтретирања, жртвата неретко, за да ги скрати своите агонии, посегнува по својот живот и извршува самоубиство, а честа е и појавата на извршување на убиство во афект врз сторителот, како и свирепо убиство извршено најчесто од сопругите врз своите сопрузи додека тие спијат.
Децата се особено чувствителна категорија жртви на семејно насилство, бидејќи се беспомошни и не разбираат дека тоа што се случува врз нив е правно забрането. Како резултат на психички и физички малтретирања, овие деца се препознаваат по тоа што изгледаат доста уплашено, не се социјално активни, избегнуваат дружење, се однесуваат аутистични иако не се аутисти, а во случај на физичко малтретирање, се препознаваат по полесните или потешки телесни повреди по телото.
5. Семејното насилство од аспект на човековите слободи и права
Семејното насилство е асоцијална општествена појава, која долги години беше занемарувана и прикривана од заедницата, иако сите знаеа дека таа постои и случува, тука помеѓу нас.
Семејното насилство значи насилство врз основните права на човекот, прифатени од сите цивилизирани народи, како:
-Правото на слобода и правото на слободно изразување;
-Правото на слободно движење;
-Правото на неповредливост на физичката и психичка целовитост на единката и сл, а за сметка на што човекот станува жртва на стравот, психичката тортура, малтретирањето, телесните повреди, мачењата, се до најсвирепите убиства.
На СОС телефонот, минатата година насилство пријавиле околу 500 лица. Реалната бројка на жени, деца и повозрасни лица кои секојдневно се соочуваат со стравот од малтретирање и насилство е поголем, но таа останува прикриена поради стравот.
Permalink
05.08.10
Posted in наука, образование, општество tagged criminal code, penal code at 7:11 pm од slaughter
Заканата е предочување на зло на едно лице, кое влијае врз волјата за превземање или пропуштање на определено дејствие. Заканата (психичка и физичка) се цени субјективно според личните особини на присилениот (силен, слаб, дете, млад, стар, маж, жена…)
Дејствие на извршување е она дејствие со кое се остварува последицата, односно законското битие на кривичното дело.
Последицата претставува определена промена во надворешниот свет која настанува врз објектот на дејство, а како резултат од дејството на извршување на кривичното дело.
Причиност (каузалитет) постои кога ќе се утврди дека последицата настанала како резултат на дејствието на извршување со кое е остварено битието на кривичното дело.
Нужна одбрана (чл.9 КЗ) е одбраната неопходно потребна за сторителот да одбие од себе или од друг истовремен противправен напад. Нападот треба да е актуелен и противправен. Со нужната одбрана се потврдува правото, нагонот за самоодржување и правото дека никој не треба да се повлече пред неправото, туку има право да се брани. Не е дозволена нужна одбрана на нужна одбрана. Нужна одбрана е дозволена и спрема лица кои уживаат кривично-правен имунитет. Ако нужната одбрана ја врши трето лице за да одбие напад врз нападнатиот, постои т.н. нужна помош. Нужната одбрана е основа за исклучување на противправноста. Нужна одбрана во која се одзема животот на напаѓачот е дозволена само за да се заштити животот, телото и слободата на нападнатиот, но не и имотот.
Напад е секое поведение насочено кон повреда или загрозување на објектот на дејството. Нападот може да биде извршен само од човек. Нападот не може да биде вербален.
Одбивањето на напад е дејство со кое се одбива нападот преку напаѓање на било кое правно добро на напаѓачот. Тоа мора да биде насочено против самиот напаѓач, истовремено додека нападот трае и одбраната да е неопходно потребна и сразмерна.
Крајна нужда (чл.10 КЗ) постои кога со делото сторителот отстранувал од себе или од друг истовремена актуелна опасност што на друг начин не може да се отстрани, а при тоа стореното зло не е поголемо од злото кое се заканувало.
Опасност претставува состојба кога постои блиска и непосредна можност од настапување повреда на некое правно добро. Таа може да настапи од друг човек, животно или природна појава.
Отстранување на опасност во смисла на крајната нужда, претставува секоја дејност која се состои од повреда или загрозување на туѓо правно добро, а е насочена кон сочувување на некое свое правно добро (мора да ги има сите обележја на кривично дело).
Должноста за изложување на опасност постои кај припадниците на полицијата и армијата (според законот), кај лекарите (како професионална должност) и кај чуварите и пожарникарите (според договор).
Подготвителни дејствија се сите дејствија со кои се создаваат погодни услови за успешно извршување на кривичното дело.
Обидот претставува казнив стадиум во извршувањето на кривичното дело. Обидот е извршен тогаш кога се превземени сите дејствија кои влегуваат во состав на битието на делото, односно дејствието на извршување во целост е остварено, но последицата изостанала. Обидот може да биде довршен и недовршен.
Неподобен обид постои кога сторителот се обидел да изврши кривично дело со неподобно средство или спрема неподобен објект.
Заблудата постои кога сторителот погрешно мисли дека тоа што го прави е дозволено.
Доброволното откажување е основа за ослободување од казна (особено кај организираните КД).
Permalink
04.29.10
Posted in наука, образование, општество tagged juvenile crime at 10:18 am од slaughter
Во современиот свет во кој живееме, напредокот на науката и техниката, политичките и општествените промени, на сосема нов начин ја одредуваат положбата на младата генерација, која во периодот на младост минува низ тешки и длабоки промени, особено во еден вештачки продолжен период на транзиција. Со оглед на карактеристиките на младата личност во однос на нивната возраст и психофизички развој, силни се негативните влијанија на новонастанатите состојби во опшеството, што се карактеризираат со преструктуирања во стопанството, премин во пазарно стопанисување, воведување на повеќепартиски политички систем, доминирањето на приватната сопственост, и сл.
Сите овие промени, доведоа до низа негативни влијанија на осиромашување на најголемиот дел од населението, поради губење на работните места, а со тоа и доведување во прашање на основните егзистенцијални потреби. Како резултат на ова, доаѓа до уривање на постоечките и создавање на нови норми на однесување, а значајни се и промените во воспитно-образовниот систем, кој одамна го изгуби монополот над воспитувањето, и исклучиво се занимава со образование.
Голем е интересот на општата јавност за општествено-негативните и асоцојални однесувања на младата популација, условени од новонастанатите општествени услови на живеење. Младата популација, иднината на секое општество, реагира на овие промени на бурен и агресивен начин, што е помалку својствено за останатиот дел од популацијата. Сторителите на кривични дела од редот на малолетната популација на население, научно се проучува, покрај останатото, и од криминолошката и криминалистичката наука.
Најопасни облици на малолетничко делинквентно однесување со кршење на кривично-правните норми на кривичното законодавство во секоја држава го сочинува малолетничкиот криминалитет како дел од вкупниот криминалитет. Овој криминалитет се зема како индикатор кој е особено значаен за состојбите во опшествено-економската и социјалната сфера на живеење.
Денешниот систем на образование, несуштински неколкупати неуспешно, па и погрешно реконструиран, резултираше со експлозија на малолетничкиот криминалитет. Денес, нашите деца ги учиме новововедена историја на религијата и религиозно образование, ги учиме историја на војните и човечките прогроми наместо историја на културата, историја на техниката, историја на општеството, ги учиме што една нација и правела на друга пред неколку векови, ги учиме хемија, во која тие се запознаваат со атомите, молекулите, органските соединенија, електронската структура на атомската орбита и други апстрактни работи, ги учиме за напредокот на техниката (денес скоро и да нема ученик кој уште во основното образование не добил мобилен телефон со камера), денес нашата младина го поминува целото свое слободно време, па и она кога треба да учи, да се дружи со врсниците или да спортува- пред компјутерот, сурфајќи на интернет на страници кои целосно не кореспондираат на возраста, или играјќи игри со екстремна доза на насилство, сцени на убивање и ракување со оружје или наместо да игра кошарка или фудбал на маалското игралиште, младината денес спортува на компјутерски видео игри, каде игра против познати фудбалери.
Со што резултираше овој успех на денешното образование и воспитување?
Денес македонската младина е во јаз со младината од другите националности и религии. Класовите се делат врз национална и јазична основа, Православните следат настава по православна христијанска религија, Муслиманите по Ислам, се создаваат чисти национални паралелки, па дури и училишта и цели универзизтети, како во времето на американската сегрегација или јужноафриканскиот Аперхејд, и младината наместо да се дружи, да го збогатува знаењето за другарчињата од друга религија или националниот, таа е систематски и организирано од државата, подложена на процес перење на мозокот, гаење на фашистички чувства кон соседните нации и малцинствата во државата, омаловажување на религијата на другиот и целосна меѓунационална изолација. Така, денес нашата младина живее една националниост покрај друга, наместо една со друга.
Благодарение на историјата на војните (која во денешното образование се нарекува само историја, како војните да се единствената историја што ја имала човековата цивилизација), македнската младина денес добро знае дека и Грците, и Бугарите, и Турците, и Србите и Албанците се лоши народи кои само гледале да ја распарчат Македонија и да ја асимилираат нацијата, а не знаат ништо за историјата на музиката, сликарството или технологијата (тие лекции обично се во книги од други предмети кои не им се интересни или наставниците намерно ги прескокнуваат).
Денес, нашата младина не само што е запознаена со технолошкиот развој, туку и живее со него. Етиката е целосно непопуларна, философијата е предмет за изгубените ученици, а наместо нив, младината на овие часови изведува настава на современ начин: се малтретираат наставници, кои активности, патем, се снимаат со мобилните телефони, се слуша музика, се гледаат порно-клипови или пак истите се снимаат. И сето ова, за денешната младина е кул, како што викаат.
Наспроти ваквата современа состојба, како намерно да се избегнуваат два суштествени предмети: сексуалното образование и безбедносната култура. Првиот би требало да ги научи младите на основните правила при стапување во сексуален однос со друга личност, за видовите, начинот на пренесување и симптомите на полово преносливите болести, за видовите сексуалност и голем број на други секојдневни важни работи од оваа област. Вториот предмет, пак, би требало да ја насочи младината по правиот пат, пат кој нема да биде во судир во законите, бидејќи младите би знаеле што е безбедност, како се нарушува, кои се последите, кои активности се забранети со закон и како да го превенираме криминалитетот.
Една така опиплива материја, како криминалитетот, не смее да биде запоставена од организирано општествено проучување и пренесување на позитивните знаења врз младината. Криминалот денес е најмасовна современа појава, а кон не а се однесуваме како кон најголема табу-тема.

Permalink
« Previous entries Следна страница » Следна страница »